Поими во осигурувањето

Едукација

КАРЕНЦА


Каренца е временски период на почетокот на договореното траење на осигурувањето, утврден од страна на осигурувачот, во кој се исклучени обврските на осигурувачот доколку настане осигурен случај.
ВИНКУЛАЦИЈА


Винкулација е документ со кој што се врши условување на сопственичкото право кај хартии од вредност (полиси за осигурување) од страна на заложниот доверител. Документот се дава во форма на изјава за винкулација, со која што се пренесуваат (винкулираат) правата на сопственикот на предметот на осигурување, во корист на заложниот доверител – винкулантот. Винкулацијата најчесто се користи кога предметот на осигурување (автомобил,недвижност, опрема и сл.) е заложен во корист на банка. Со оваа изјава заложниот доверител (банката) добива првенствена улога при исплата на штета, бидејќи правата по полисата се пренесени во негoва корист. Доколку заложниот доверител (банката) се согласи, тогаш средствата од надоместот на штета можат да бидат исплатени во корист на осигуреникот.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ НА ВИСТИНСКА ВРЕДНОСТ


Кај договорите за осигурување кај кои имотот е осигуран врз основа на вистинска вредност, сумата на осигурување треба да одговара на реалната вредност на имотот на денот на склучување на договорот. Меѓутоа, при обнова на осигурувањето вистинската вредност ќе биде пониска поради употреба, старост и истрошеност на предметот.

Во интерес на клиентите, предлагаме осигурувањето на предмети да се врши врз основа на нова вредност, или сума на осигурување според договорена вредност. Ваков вид на осигурување можат да склучат само правни лица кои водат сметководство за материјалниот имот, кои се осигуруваат од опасности од пожар, или за осигурување на машини од кршење и слични незгоди.
КОЈ Е КОЈ КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА ОСИГУРУВАЧ, ОСИГУРЕНИК, ДОГОВОРУВАЧ?


ОСИГУРУВАЧ е осигурително друштво кое што со склучување на договор за осигурување се обврзува на надомест на штета, односно исплата на договорениот паричен износ на осигуреникот.

ОСИГУРЕНИК е физичко, или правно лице на чие име гласи договорот за осигурување, обезбедувајќи покритие од несаканиот ризик. Во пракса, најчесто се случува осигуреникот во исто време да биде и договорувач. Постојат ситуации, кога на ризик се изложени туѓи добра, за кои што трето лице (договорувачот) има интерес тие да бидат осигурени. Така на пример, кај имотните осигурувања договорувач не мора секогаш да биде сопственикот на осигурените добра. При осигурувањето на стан, договорувач не мора да биде сопственикот на станот, бидејќи станот може да биде изнајмен на користење на подолг временски период. Кај осигурувањето на лица од последици на несреќен случај родителот може да ги осигура своите деца, или пак својот брачен партнер.

ДОГОВOРУВАЧ може да биде физичко или правно лице, кое со осигурувачот склучува договор за осигурување, обврзувајќи се да ја плати премијата за осигурување. Договорувачот нема право на надомест на штета од осигурувањето, освен во случај кога истиот е осигуреник. Притоа називот договорувач на осигурување треба да се користи тогаш кога лицето кое го склучува договорот и лицето на чие име гласи полисата (осигуреникот) се различни лица. На пример, во осигурувањето на транспорт, шпедитерските фирми најчесто се договорувачи на осигурување на име и за сметка на лице чија стока се превезува.
ШТО ПРЕТСТАВУВА НАДОМЕСТ ОД ОСИГУРУВАЊЕ ИЛИ ОТШТЕТА?
Надомест од осигурување или отштета е износ што осигурувачот е должен да го исплати по настанување на осигурениот случај покриен со договорот за осигурување во согласност со условите за осигурување. Надоместот од осигурувањето или отштетата се исплаќа на осигуреникот или на друго лице наведено во договорот како корисник на осигурувањето.




ШТО ЗНАЧИ ОСИГУРУВАЊЕ СО И БЕЗ ИСТЕК НА ОСИГУРУВАЊЕ?


ОСИГУРУВАЊЕ БЕЗ ИСТЕК НА ОСИГУРУВАЊЕ


Кај овој вид на полиси за осигурување дефиниран е само почетокот, но не и крајот на осигурителното покритие. Полисата важи се додека една од договорните страни не го прекине осигурувањето. Полисата односно осигурувањето може да се прекине со денот на доспеаност на премијата известувајќи ја писмено другата страна најдоцна три месеци пред доспеаноста на премијата.

ОСИГУРУВАЊЕ СО ИСТЕК НА ОСИГУРУВАЊЕ


Полисата за осигурување со одреден истек на осигурување ги дефинира почетокот и крајот на осигурителното покритие. Кај овие полиси точно се знае истекот на осигурителното покритие и тие најчесто траат една година. Може да се склучат полиси и за осигурување за период пократок од една година (краткорочно осигурување) или подолг од една година (долгорочно осигурување). Ако осигурувањето е склучено на рок подолг од пет години, секоја страна може по истекот на петтата година со отказен рок од шест месеци писмено да и изјави на другата страна дека го раскинува договорот.
ПРЕМИЈА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Премија за осигурување е износ кој договорувачот на осигурувањето/осигуреникот го плаќа на осигурувачот согласно договорот за осигурување со цел обезбедување на осигурителна заштита. Премијата всушност претставува цена на ризикот. Висината на премијата се одредува според просечната висина на ризикот. Премијата за осигурување се користи за покритие на тековни и идни штети, трошоци за превентива и оперативни трошоци. Со плаќање на премија се врши пренос на ризикот од осигуреникот врз осигурувачот (осигурителното друштво).
ПОЖАРНО ОСИГУРУВАЊЕ НА ФЛОТАНТНА ОСНОВА


Полиса за осигурување на стока на флотантна основа може да се направи за пожарно осигурување на залиха. Во случај кога вредноста на залихите варира во текот на годината, а осигуреникот располага со соодветна сметководствена документација може да се склучи полиса за осигурување на залиха на флотантна основа. Премијата се пресметува врз основа на просечната вредност на залихите во изминатата година, што се гледа од документацијата со која располага осигуреникот, а штетите се исплаќаат според реалната вредност во моментот на нивното настанување.
КОЈА Е ОСНОВНАТА ПОДЕЛБА НА ОСИГУРУВАЊЕТО?


Постојат многубројни критериуми според кои може да се направи поделба на осигурувањето. Пред се осигурувањето се дели на НЕЖИВОТНО и ЖИВОТНО осигурување:

НЕЖИВОТНО ОСИГУРУВАЊЕ понатаму се разгранува на многубројни видови на осигурувања, но генерална поделба се прави помеѓу задолжително и доброволно осигурување.
Задолжителните осигурувања се одредени од државата. Државата со свои прописи и одлуки одлучува кои осигурувања се задолжителни. Како најпознати задолжителни осигурувања во нашата земја се задолжителното здравствено и пензиско осигурување, за коишто државата има формирано осигурителни фондови. Други задолжителни осигурувања се на пример, осигурување од автомобилска одговорност и зелена карта како и осигурување од општа и професионална одговорност во одредени дејности. Доброволните осигурувања се оние осигурувања кои се склучуваат по сопствена слободна воља и уверувања, како резултат на потребата од конкретниот осигурителен производ.Таквите ги има многу, нивната поделба понатаму се разгранува според предметот на осигурувања како што се осигурување на имот во поширока смисла на зборот, осигурување на транспорт, осигурување на лица итн.


ЖИВОТНО ОСИГУРУВАЊЕ е исклучиво доброволно осигурување, коешто се склучува со цел осигурување на животот односно надомест на штета во случај на смрт и доживување а може да опфаќа и дополнително осигурување од несреќен случај и дополнително осигурување од тешки болни состојби. Многу познати личности ги осигуруваат своите делови од телото или своите таленти, a се верува дека најскапата полиса за осигурување во светски рамки му припаѓа на американскиот режисер Стивен Спилберг, неговиот живот бил осигуран за $ 1.2 милиони долари.
ШТО ПРЕТСТАВУВА ОСИГУРУВАЊЕ НА ПРВ РИЗИК?


Осигурувањето на прв ризик се користи во оние случаи кога предметот на осигурување има голема вредност и тоа овозможува осигурување на вредност која што е доволна да ја покрие евентуалната штета која што ќе настане. На пример, за осигурување од провална кражба и разбојништво, доколку постои залиха на стока во магацин со вредност 10.000.000 мкд ( сума на осигурување), реалната штета која што би можела да настане врз основа на претходна проценка по еден осигурен случај е максимум 1.000.000 мкд (прв ризик).

Полисата ќе се склучи на износ од 1.000.000 мкд, со начин на осигурување “прв ризик”. Осигуреникот ќе добие покритие од 1.000.000 мкд по поединечен штетен настан. Износ кој е доволен да се покрие евентуалната штета и износ на кој што се плаќа премија. Овој начин се користи кај провална кражба и разбојништво, дополнителен ризик – поплава, големи површини на стакло итн.
КОЈ Е АГЕНТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ, А КОЈ ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР?


Агент за осигурување е лице кое врз основа на работен однос или друг договорен однос со друштвото за осигурување е овластено да склучува договори за осигурување во име и за сметка на тоа друштво. Агентот за осигурување е врска помеѓу друштвото за осигурување и клиентот, тој врши продажба на производите и ја врши целокупната комуникација со клиентот во моментот кога ќе настане штета, како и доколку биде потребно да се извршат одредени промени во текот на траење на осигурителното покритие. Агентот за осигурување се грижи за своите клиенти и уредно ги известува за истекот на нивното осигурително покритие.

Осигурителен брокер е лице посредник за склучување на договори за осигурување за еден или повеќе друштва за осигурување односно осигурувачи. При извршување на оваа дејност, тие не настапуваат од името на одредено друштво за осигурување и затоа нивна примарна обврска е да ги штитат интересите на осигурениците. Осигурителните брокери најчесто се користат од страна на правни лица кои имаат потреба од комплексно осигурително покритие и сакаат да добијат подобри услови за пониска цена. Првата Национална асоцијација на осигурителни брокери (“NAIB”) била основана во 1933 година и со децении претставува една од најголемите брокерски куќи во светот.
РЕОСИГУРУВАЊЕ


Реосигурување е посебна дејност во осигурувањето, која се остварува така што осигурувачот на Реосигурувачот пренесува дел од ризикот, кој осигурувачот претходно го превзел во осигурување и за возврат на реосигурителот му плаќа дел од премијата за реосигурување.

Реосигурувањето всушност претставува осигурување на компанијата за осигурување за дел од обврските коишто неможе да ги покрие со расположливите средства.
СООСИГУРУВАЊЕ


Кај соосигурувањето, како и кај осигурувањето, постои примарна распределба на ризикот. Но, во случај на соосигурување, ризикот се распределува меѓу две или повеќе осигурителни компании и при настанување на осигурен штетен настан секоја осигурителна компанија има обврска да ја исплати штетата во зависност од делот што го покрива со договорот за соосигурување. Во овој случај се потпишува еден договор за осигурување каде што имаме осигуреник и повеќе осигурувачи ( осигурителни компании ). Кај соосигурувањето постои хоризонтална поделба на ризикот каде што се создава директна поврзана обврска на неколку осигурувачи ( осигурителни компании ) спрема ист осигуреник.
ТЕХНИЧКИ РЕЗЕРВИ?


Друштвото за осигурување е должно да издвојува технички резерви за сите класи на осигурување кои ги извршува. Тие се наменети за трајно обезбедување на извршувањето на обврските по договорите за осигурување и евентуални загуби поради ризици кои произлегуваат од работите на осигурувањето.
УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ


Условите за осигурување претставуваат составен дел од договорот за осигурување. Всушност тие се и најважниот дел од договорот, од причина што во нив е детално уреден не само односот помеѓу договорувач/осигуреник и осигурувачот, туку и самото осигурително покритие за кое се склучува осигурување. Селекцијата на ризици и начинот на нивно остварување, од кое произлегува основаноста за надомест на штета се уредени преку одредби во самите Услови. Осигурувачот има обврска да го запознае договорувачот на осигурувањето/осигуреникот со Условите за осигурување и при склучување на осигурувањето истите да му ги предаде во писмена форма. Дополнително договорените ставки кои не се дел од Условите се впишуваат на самата полиса во вид на клаузули.

Во пракса разликуваме:

Општи услови за осигурување се одредби кои осигурувачот ги носи однапред, со веќе дефинирана содржина, тие се дел од договорот за осигурување, а договорувачот на осигурувањето/осигуреникот може во потполност да ги прифати или пак да ги одбие.

Посебни услови
за осигурување се услови кои произлегуваат од Општите, односно се нивна надградба за детално уредување на одредено покритие.

Клаузули на полисата
служат за прецизирање на покритието и утврдување на ризици надвор од горенаведените услови.


Првите елементи – услови на осигурување се јавуваат кај Кинезите при транспорт на стока преку реката Јангцекјанг, како и во Вавилон уште пред 4 милениуми: во случај на губење на бродот на сопственикот му се надоместува штетата, а ако бродот стигне до крајната дестинација, сопственикот е должен да исплати дел од профитот. Пишани докази за осигурување постојат и во Хамурабиевиот закон од 2250 година п.н.е. во вид на прописи со кои се уредуваат взаемните обврски на учесниците во трговскиот караван со цел да се компензира било каква штета во случај на грабеж.
ФРАНШИЗА ВО ОСИГУРУВАЊЕТО


Франшиза е одреден износ до кој осигуреникот учествува во покритие на штетата. Износот на франшизата може да биде утврден како процент од надоместот за штета или од сумата на осигурувањеи како фиксен износ.

Франшиза е дел од надоместот на штета која врз основа на склучениот договор за осигурување, осигуреникот го сноси самостојно... Целта е осигуреникот да прави се што е во негова моќ да не дојде до штета или истата да биде што помала, бидејќи обврската на осигурувачот настапува во оние моменти кога штетата ќе биде во поголем обем, кој има сериозни последици врз осигуреникот.

Разликуваме два вида на франшизи: 

  • Одбитна франшиза (франшиза во штетен настан)
  • Интегрална или условна франшиза (франшиза од сумата на осигурување)

Доколку осигуреникот сноси дел од штета во било кој случај, без оглед на висината на штетата тогаш станува збор за одбитна франшиза. Доколку штетата е пониска од договорениот износ за франшиза и плаќањето во целост паѓа на товар на осигуреникот, тогаш станува збор за интегрална или условна франшиза.
ШТО ПРЕТСТАВУВА ОСИГУРУВАЊЕ НА ТАКСИРАНА ВРЕДНОСТ?


При осигурување на таксирана вредност, договорувачот на осигурувањето и осигурувачот, поради поедноставување на ликвидацијата на осигурениот случај, уште при склучување на осигурувањето се договараат за висината на вредноста на осигурениот предмет, која што воедно е и сума на осигурување. Овој вид на осигурување најчесто се користи за осигурување на уметнички предмети, колекционерски збирки и сл.
ШТО ПРЕТСТАВУВА ПРИВРЕМЕНО ОСИГУРИТЕЛНО ПОКРИТИЕ (ЛИСТА НА ПОКРИТИЕ)?


Привремено осигурително покритие претставува документ кој што ја заменува полисата за осигурување. Се користи во случај кога некои од потребните податоци во моментот на обнова на осигурувањето не се познати. За да има покритие додека се обезбедат потребните податоци, се издава документ наречен лист на покритие со истите податоци за осигурување како и полисата за осигурување. Времетраењето на листот на покритие е најчесто еден месец, но истиот може да се продолжи доколку е потребно повеќе време за обезбедување на потребните податоци.
ШТО Е МАЛУС А ШТО БОНУС?


Според дефиниција малус претставува доплаток на премијата на осигурување. Тој доплаток се пресметува само доколку во периодот на траење на осигурувањето настанала штета. Малусот се пресметува при обнова на полиса односно продолжување на договорот за осигурување. Тоа значи доколку сте имале незгода односно штета за која сте добиле покритие од осигурителната компанија, тогаш при продолжување на полисата за осигурување се пресметува доплаток ( малус ) на премијата на осигурување.


Спротивно од малус е бонусот. Доколку во текот на годината не сте ја искористиле полисата за осигурување тогаш при обнова на полисата односно продолжување на договорот за осигурување се пресметува бонус, односно се одредува попуст на премијата. Овој вид на корекција на премијата е најзастапен кај осигурувањата од автомобилска одговорност и каско осигурувањата.
ШТО Е ОСИГУРУВАЊЕ?


Осигурување претставува форма на управување со ризик, првенствено со цел намалување на финансиски загуби. Осигурувањето претставува пренос на одреден ризик на друштвото за осигурување, односно пренесување на ризикот од едно лице на група и споделување на штетите на еднаква основа помеѓу сите членови на групата.

Првите форми на осигурување се среќаваат уште во првобитната заедница на човекот во рамките на племето, а прв ризик со којшто се сретнал човекот е ризикот од глад, којшто ризик го заштитил со скромни задолжителни прилози на поединците за жито во текот на родните години. Првите пишани документи за осигурување датираат од 2250 година пред нашата ера, во вид на одредби со меѓусебна обврска на учесниците во трговскиот караван со цел надомест на штета во случај на грабеж.
ШТО ПРЕТСТАВУВА ПОЛИСА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ


Полисата е пишан документ за договореното осигурување и составен дел на договорот за осигурување. Полисата за осигурување мора да ги содржи сите суштински податоци за склучување на осигурување. Основни елементи кои полисата за осигурување мора да ги содржи се договорните страни, осигурениот предмет, односно осигуреното лице, ризикот опфатен со осигурувањето, траењето на осигурувањето и периодот на покритието, сумата на осигурувањето, или лимитот на покритието, износот на премијата, или придонесот, датумот на издавањето на полисата, и потписи на договорните страни.

Полисата за осигурување може да се замени со привремено осигурително покритие (лист на покритие).