Одборот на директори на Триглав Осигурување АД, Скопје на својата 175-та седница назначи нов извршен директор
Одборот на директори на Триглав Осигурување АД, Скопје на својата 175-та седница, одржана на 29-30.03.2021 година, го назначи г-дин Војдан Јорданов за извршен директор во Триглав Осигурување АД, Скопје, со мандат од четири години.
Оваа одлука следеше откако Одборот на директори на Триглав Осигурување АД, Скопје на својата 174-та седница, одржана на 19.02.2021 година, го назначи г-дин Јорданов за извршен член на Одборот на директори. Одлуката влезе во сила на денот на донесувањето, а се применува по добивањето согласност за вршење на функцијата член на орган на управување на Триглав Осигурување АД, Скопје од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Г-дин Јорданов доаѓа од позицијата Претседател на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД, Скопје, a својата професионална кариера ја гради во областите ревизија, сметководство, финансии, управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. Г. Јорданов смета дека новата позиција на извршен директор во Триглав Осигурување е добредојден предизвик во неговата кариера, како и можност да напредува како професионалец и менаџер. “Чест ми е да бидам дел од извршниот тим на најголемата осигурителна компанија на македонскиот пазар и искрено се радувам на укажаната можност со своите квалитети да придонесам во понатамошниот развој на друштвото. Во претстојниот период очекувам многу нови предизвици и проекти, а истовремено длабоко верувам дека тимот на Триглав ги има вистинските предиспозиции за долгорочен успех”, изјави г. Јорданов.
Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, АД, Скопје, г. Ѓорѓе Војновиќ, во оваа прилика му посака добредојде на г. Јорданов, “Групацијата Триглав и Триглав Осигурување ги темелат квалитетот на услугите и водечката позиција на осигурителниот пазар во земјата на своите високо мотивирани вработени, кои со својата експертиза и посветеност придонесуваат кон задоволството на клиентите и кон реализација на зацртаната стратегија. Ми причинува задоволство да му посакам добредојде на г. Јорданов, кој верувам дека со своите познавања и своето искуство ќе ја поддржи успешната приказна на Триглав на македонскиот пазар”.
Групацијата Триглав на македонскиот пазар е присутна со три компании, Триглав Осигурување, којашто работи во доменот на неживотното осигурување, Триглав Осигурување Живот, којашто нуди осигурување на живот и, од 2019 година, Триглав пензиско друштво, кое управува со пензиски фондови. Ја има водечката позиција на осигурителниот пазар во земјата и како Групација единствена на пазарот може да понуди квалитетни консолидирани решенија на подрачјето на имотното, здравственото, животното и пензиското осигурување.