Управниот и Надзорниот одбор предлагаат исплата на дивиденда во износ од 2,50 евра бруто по акција
Управниот одбор и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на годинешното собрание на акционери ќе предложат исплата на дивиденда во износ од 2,50 евра бруто по акција или вкупно 56,8 милиони евра. Во согласност со политиката за исплата на дивиденда, според предлогот, нешто повеќе од 50 отсто од нето добивката на Групацијата Триглав за 2022 година ќе биде наменета за дивиденди, што во моментов претставува дивиденден принос од над 6 отсто.
Управниот одбор и Надзорниот одбор на овогодинешното собрание на акционери предлагаат исплата на дивиденда во износ од 2,50 евра бруто по акција. Предложената дивиденда во вкупен износ од 56,8 милиони евра претставува нешто повеќе од 50 отсто од консолидираната нето добивка на Групацијата Триглав за 2022 година (110,5 милиони евра). Предлогот овозможува дивиденден принос од повеќе од 6% во однос на тековната цена на акцијата и ги надминува очекувањата на инвеститорите во однос на просечниот дивиденден принос од 4,3% на акциите на европските осигурителни компании оваа година. Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар изјави: „Задоволни сме што можеме да им предложиме на акционерите дивиденда која е атрактивна, а воедно, Групацијата Триглав да постигне одржлива финансиска стабилност на среден рок, понатамошен раст и развој“.
Во предизвикувачките услови изминатата година, Групацијата Триглав постигна подобри резултати од планираните, што се должи не само на зголемениот обем на работа, туку и од одредени еднократни ефекти. Групацијата Триглав во 2022 година, беше оценета со висока оценка „А“ од агенциите за кредитен рејтинг S&P и AM Best и ја задржа својата финансиска стабилност. Управниот одбор и Надзорниот одбор на компанијата проценуваат дека со исплата на предложениот износ на дивиденда, на среден рок ќе се задржи соодветно ниво на адекватност на капиталот, а која што очекувано се намали во текот на 2022 година. Во предложениот износ за исплата на дивиденда се земени предвид оценките за тековните и очекуваните идни услови на работење на Групацијата Триглав, предвидените капитални потреби и способноста Групацијата Триглав да ги постигне своите стратешки цели и во иднина.
Надзорниот одбор го одобри ревидираниот годишен извештај на Групацијата Триглав и Заваровалница Триглав за 2022 година, кој што ќе биде објавен во петок, на 31.03.2023 година, согласно финансискиот календар. Се очекува на 21-ви април 2023 година, компанијата да го објави свикувањето на редовното годишно собрание на акционери кое е закажано за 6 јуни 2023 година.