Остварени многу добри резултати во 2024-та година, профитабилно работење и раст на деловниот обем планирани за 2025-та година

Во 2025-та година, Групација Триглав влегува во нов стратешки период до 2030-та година, за кој што постави амбициозни цели

Според неревидираните податоци, Групација Триглав во 2024-та година оствари вкупен деловен обем од 1,72 милијарди евра, што е над планираната вредност од околу 1,60 милијарди евра. Покрај добрите резултати и во осигурителниот сектор и во управувањето со средства, на работењето дополнително позитивно влијаеа и поволните услови на финансиските пазари, релативно поволните оштетни барања и еднократните настани, особено во сегментот Здравје. Деловниот резултат на Групацијата пред оданочување достигна 159,0 милиони евра, додека нето добивката изнесуваше 131,4 милиони евра. Комбинираниот количник за неживотно и здравствено осигурување беше подобар од планираното и изнесуваше поволни 93,6%. Во услови на сè уште присутна неизвесност во поглед на идните инфлациски очекувања и заострените пазарни услови, Групација Триглав ја зацврсти својата водечка позиција на осигурителниот пазар како во Словенија, така и во регионот Адриа. Солидната капитализација на Групацијата, успешноста на нејзиното работење и позитивната прогноза беа потврдени со повторно добиената висока кредитна оценка „А“, со унапредена позитивна среднорочна прогноза. Оваа година, Групацијата амбициозно влегува во нов стратешки период до 2030-та година и планира да го удвои вкупниот обем на работење, деловниот резултат пред оданочување и обемот на средствата под управување до 2030-та година.

КЛУЧНИ ДЕЛОВНИ РЕЗУЛТАТИ ВО 2024-ТА ГОДИНА
Деловниот резултат пред оданочување на Групацијата достигна 159,0 милиони евра (претходната година: 21,1 милион евра), а нето добивката на групацијата 131,4 милиони евра (16,3 милиони евра во претходната година). Матичната компанија, Заваровалница Триглав, оствари 117,6 милиони евра деловен резултат пред оданочување (претходната година: 15,8 милиони евра) и 98,2 милиони евра нето добивка (претходната година: 14,2 милиони евра).

Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, изјави:
„Во релативно поволните услови во 2024-та година, споредено со исклучително предизвикувачката 2023-та година, остваривме многу добри резултати во сите сегменти на работењето, значително надминувајќи ги плановите. Во 2025-та година, влегуваме во добра финансиска состојба, што го потврдува и високата кредитна оцена „А“, која што доби позитивна среднорочна прогноза од страна на S&P. Во 2025-та година, планираме да продолжиме со профитабилно и сигурно работење, а се очекува деловниот обем да надмине 1,8 милијарди евра. Профитабилноста на осигурителниот дел од работењето е прикажана преку комбинираниот количник на неживотно и здравствено осигурување, кој што е на поволно ниво, под 95%. Во 2025-та година, планираме деловен резултат пред оданочување меѓу 130 и 150 милиони евра, под претпоставка дека нашето работење ќе продолжи без значајни еднократни настани. Имавме успешна година и со ентузијазам и оптимизам влегуваме во стратешкиот период 2025-2030, во кој што поставивме многу амбициозни цели. Во име на Управниот одбор, искрено им се заблагодарувам на тимот на соработнички и соработници на Триглав за нивната посветеност во остварувањето на нашите деловни цели.“ 

Според неревидираните податоци, вкупниот биланс на состојба на Групација Триглав се зголеми за 11% на 4.538,3 милиони евра, при што вкупната вредност на капиталот се зголеми со истата стапка и достигна 989,0 милиони евра. Останатата сеопфатна добивка изнесуваше 6,3 милиони евра (претходната година: 34,7 милиони евра), при што роковите на средствата и обврските беа значително усогласени. Нето повратот на капиталот на Групацијата достигна поволни 14%.

Членот на Управниот одбор, Урош Иванц, објасни: „Ја одржавме робусноста на нашиот деловен модел, бидејќи тој ни овозможува полесно прилагодување на предизвиците од околината, додека продолжуваме внимателно да преземаме осигурителни ризици и да управуваме со средствата и обврските во насока на целосно усогласување. Групацијата е добро капитализирана, дополнително зајакната со профитабилно работење и успешното издавање на нова подредена обврзница во 2024-та година.“

Вкупниот обем на работење на Групацијата Триглав достигна 1,72 милијарди евра, додека консолидираната бруто полисирана премија од осигурување изнесуваше 1,62 милијарди евра. Обемот на работење се зголеми поради растот на осигурителното покритие на клиентите, бројните мерки во областа на управување со осигурителните ризици, зголемувањето на премиските стапки во минатото и зголемената продажба на осигурување според принципот на слободно движење на услуги (FOS), главно во Полска.  Членот на Управниот одбор, Урош Иванц, објасни: „Поради укинувањето на дополнителното здравствено осигурување во Словенија, пресметавме 2% помал вкупен износ на осигурителни премии на Групацијата во споредба со претходната година; доколку се исклучи ова влијание, растот би изнесувал 10%.

Во согласност со посакуваната географска распределба на премиите, Групацијата го зголеми уделот на премиите остварени надвор од Словенија. На словенечкиот пазар тој изнесуваше 56%, а обемот на премиите на овој пазар би бил за 6% повисок, доколку се земе предвид споменатиот ефект на сегментот Здравство. На останатите пазари во регионот Адрија Групацијата оствари раст на премиите од 9%, додека на меѓународните пазари, каде што Групацијата главно работи според принципот на слободно движење на услугите и активно учествува во реосигурување, растот изнесуваше 21%.

Според неревидирани податоци, деловниот резултат пред оданочување на Групацијата во 2024-та година, изнесуваше 159,0 милиони евра (21,1 милион евра претходната година), од кои 16,1 милиони евра се однесуваат на таканареченото прекинато работење (т.е. ефектите од укинувањето на дополнителното здравствено осигурување во Словенија). Детален преглед на деловниот резултат на Групацијата пред оданочување во трите сегменти:

  • Деловниот резултат од осигурување на Групацијата достигна 97,5 милиони евра (-7,1 милион евра претходната година), при што сите три сегменти остварија добар резултат. Во сегментот неживотно осигурување изнесуваше 69,1 милион евра (3,6 милиони евра претходната година), што е резултат на зголемување на обемот на работење и намалување на пресметаните штети. Во сегментот Живот, резултатот се зголеми на 19,8 милиони евра (16,7 милиони евра претходната година), додека во сегментот Здравје достигна 8,6 милиони евра (-27,4 милиони евра претходната година). Приходите од осигурителни услуги се намалија за 4% на 1.298,0 милиони евра, како резултат на укинувањето на дополнителното здравствено осигурување во Словенија. Истото влијание се одрази и на износот на пресметаните штети, кои што беа пониски за 34% и изнесуваа 678,7 милиони евра. Масовните природни катастрофи влијаеја на деловниот резултат со проценета вредност од 45,5 милиони евра (212,2 милиони евра претходната година). Меѓу најзначајните беа невремето со град во Словенија со штети во вредност од 28,8 милиони евра и загубите од реосигурување со проценета вредност од 16,2 милиони евра (главно земјотресот на Тајван, временските непогоди во Германија, Италија, Швајцарија и Австрија, последиците од ураганот Берил на Карибите, циклонот Борис  во Централна Европа, како и тајфунот Јаги во Виетнам и Кина). Трошоците за прибава на осигурување и административните трошоци, вклучувајќи ги и оние кои што не можат да се припишат директно, се зголемија за 4% на 370,9 милиони евра.
  • Деловниот резултат од инвестицискиот дел достигна 49,0 милиони евра (22,2 милиони евра претходната година), при што позитивно влијание имаа состојбата на финансиските пазари, спроведувањето на планираната инвестициска политика на Групацијата и добивката од продажба на удел во придружено друштво. Профитабилноста на финансиските вложувања на Групација Триглав, без вложувањата во корист на осигурениците, кои преземаат ризик од вложување, изнесуваше 3,0% во 2024-та година, во споредба со 1,6% во 2023-та година.
  • Деловниот резултат од неосигурителната дејност се зголеми на 12,5 милиони евра (претходната година: 5,9 милиони евра) и главно се должи на добрите резултати во управувањето со средства.

Работењето на Групација Триглав во 2024-та година по деловни сегменти:

  • Сегмент Имот: Групацијата успешно работеше и во делот на осигурувањето и во делот на вложувања во сегментот неживотно осигурување. Вкупниот обем на работењето на сегментот порасна за 11% на 1.304,4 милиони евра поради горенаведените ефекти, евидентираните штети се намалија за 18% на 627,5 милиони евра поради релативно поволниот развој на штетите и големиот обем во претходната година, додека трошоците за стекнување и административните трошоци, вклучително и оние што не можат да се припишат, се зголемија за 5% на 304,3 милиони евра. Комбинираниот количник на сегментот достигна поволни 94,0% (претходната година: 99,7%). Деловниот резултат пред оданочување во овој сегмент изнесуваше 100,8 милиони евра (претходната година: 14,5 милиони евра), од кои што 69,1 милион евра беа остварени од осигурување (3,6 милиони евра претходната година), а 32,9 милиони евра од инвестицискиот дел, што е трипати повеќе од претходната година. Групацијата постигна подобар резултат од инвестициските активности во споредба со претходната година, а дополнителен позитивен ефект е остварената добивка од продажба на удел во придружено друштво во износ од 4,7 милиони евра.
  • Сегмент Живот: Оперативното работење во животниот сегмент беше успешно и во 2024-та година. Вкупниот обем на работење на сегментот се зголеми за 7% на 244,6 милиони евра, додека договорната маржа на услугите (CSM) порасна за 23% на 272,2 милиони евра. Обемот на новосоздадената маржа изнесуваше 41,1 милион евра, а нејзиното вклучување во деловниот резултат изнесуваше 36,6 милиони евра. Новата продажба на осигурување во Групацијата и понатаму е разумно профитабилна. Профитабилноста на новите зделки изнесуваше 13,4% и беше за 1,2 процентни поени пониска во однос на претходната година. Деловниот резултат на сегментот пред оданочување беше за 60% поголем и изнесуваше 30,3 милиони евра, од кои што 19,8 милиони евра беа остварени во осигурителниот сегмент (16,7 милиони евра претходната година), а 10,5 милиони евра се должат на инвестициски активности (1,9 милиони евра претходната година). На ова позитивно влијаеја и поволните услови на финансиските пазари.
  • Сегмент Здравје: Успешното работење на овој сегмент делумно беше обликувано од ефектите на еднократните настани поврзани со укинувањето на дополнителното здравствено осигурување во Словенија. Затоа, во 2024-та година вкупниот обем на работење на Групацијата во овој сегмент се намали на 56,2 милиони евра (223,0 милиони евра претходната година), додека износот на пресметаните штети се намали на 24,0 милиони евра (226,4 милиони евра претходната година). Групацијата спроведе ревизија на деловниот модел во сегментот Здравје во Словенија, што резултираше со спојување на зависната здравствена осигурителна компанија со матичното друштво. Ова беше направено со цел да се поддржи понатамошниот раст на премиите, соодветното управување со штетите и рационализацијата на трошоците. Истовремено, Групацијата дополнително ги зајакна своите производи за дополнително здравствено осигурување на словенечкиот пазар и на другите пазари во регионот Адриа, постигнувајќи раст на премиите од 37%. На деловниот резултат на сегментот пред оданочување, кој што изнесуваше 10,3 милиони евра (претходната година: -31,4 милиони евра), влијаеше и државната компензација, добиена во согласност со Уредбата за дополнително здравствено осигурување (11,0 милиони евра), како и поволниот развој на резервите за дополнително здравствено осигурување, формирани во претходните периоди (6,4 милиони евра). Клучните стратешки насоки и амбиции на Групација Триглав во сегментот Здравје остануваат непроменети, а овој сегмент продолжува да биде еден од клучните развојни сегменти на Групацијата.
  • Сегмент Управување со средства: Како резултат на поволните услови на финансиските пазари, работењето на сегментот за управување со средства беше многу успешно во 2024-та година. Вкупниот обем на работење се зголеми за 4% на 112,5 милиони евра, при што премиите за доброволно пензиско осигурување се зголемија за 2% на 61,0 милион евра, а приходите од управување со средствата (односно провизии) за 24% на 49,4 милиони евра. Вредноста на нето средствата под управување во заедничките фондови и преку индивидуално управување на Групација Триглав се зголеми за 33%, односно за 564,5 милиони евра, во споредба со претходната година и изнесуваше 2,27 милијарди евра. Нето приливите достигнаа 200,9 милиони евра, а ефектот од позитивните услови на пазарите на капитал изнесуваше 363,6 милиони евра. Вкупниот деловен резултат пред оданочување на сегментот изнесуваше 17,5 милиони евра (претходната година: 19,0 милиони евра). Остварениот резултат од работењето изнесуваше 13,2 милиони евра (6,8 милиони евра претходната година), за што најмногу придонесоа зголемените приходи од управување со средствата. Остварениот резултат во инвестицискиот дел достигна 4,4 милиони евра (12,2 милиони евра претходната година). Намалувањето на овој резултат е последица на промената на резервите за неостварување на загарантираниот принос во претходната година; доколку овој ефект се исклучи, растот на деловниот резултат на сегментот пред оданочување би надминал 50%.

Вкупните средства под управување на Групација Триглав изнесуваа 5,9 милијарди евра на крајот на 2024-та година, што е зголемување од 21% во споредба со крајот на 2023-та година. Групацијата управува со сопствените средства, средствата на осигурениците кои преземаат инвестициски ризик, како и средствата од финансиски договори во своите друштва, кои во 2024-та година порасна за 15% на 3,9 милијарди евра. Во согласност со својата инвестициска политика, Групацијата не направи значителни промени во конзервативната структура и квалитетот на своето инвестициско портфолио. Во него мнозинскиот дел, 54%, го сочинуваат обврзници на развиени пазари, кои што главно имаат висок кредитен рејтинг. Групацијата исто така управува и со средства во заеднички фондови и преку индивидуално управување со средства, како и со средствата во пензиски фондови и алтернативни инвестиции.

СПРОВЕДУВАЊЕ НА ДИВИДЕНДНАТА ПОЛИТИКА
Заваровалница Триглав, има за цел нејзината акција да биде профитабилна, сигурна и стабилна инвестиција за инвеститорите. Во 2024-та година, вкупниот принос изнесуваше 21%, од кој што  приносот од дивидендата беше 4%. Компанијата исплати дивиденда на акционерите, чиј вкупен износ значително го надмина деловниот резултат на Групацијата во 2023-та година. Притоа, ги следеше целите на својата дивидендна политика и нејзината доследна примена, земајќи ги предвид специфичните услови, во кои што Групацијата работеше во 2023-та година, како и подобрените изгледи за работење во 2024-та година, кои што и беа реализирани.

ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ
Групација Триглав во своето работење ги спроведува своите зацртани амбиции за одржливост, кои што доследно ги реализираше и во 2024-та година. Го зголеми уделот на ESG обврзниците во своето инвестициско портфолио за два процентни поени, достигнувајќи 13 проценти. Сите заеднички фондови на Групацијата во Словенија беа трансформирани во фондови, што промовираат еколошки и општествени карактеристики, во согласност со регулативата SFDR. Со тоа, јаглеродниот отисок од опсег 1 и 2 беше намален за 10 проценти, додека уделот на електричната енергија од обновливи извори беше зголемен за 4 процентни поени, достигнувајќи 66 проценти. Групацијата обезбеди високи стандарди во корпоративното управување и поттикна култура на разновидност, еднаквост и инклузивност. Преку бројни општествено и еколошки одговорни проекти, продолжи да одржува блиска врска со заедницата, во која што работи. За крај, но не и помалку важно, го надгради известувањето за одржливост во годишниот извештај за 2024-та година, со што го усогласи со барањата на CSRD директивата и ESRS стандардите.

СТРАТЕШКИ АМБИЦИИ НА ГРУПАЦИЈА ТРИГЛАВ ДО 2030-ТА ГОДИНА
Групација Триглав ги исполни, а во некои случаи и ги надмина стратешките цели, што ги постави за претходниот стратешки период. Работењето на Групација Триглав е профитабилно, сигурно и насочено кон одржливост. Повратот на капиталот ја надмина целта од 10 проценти во 2024-та година. Обемот на работење – и покрај падот во сегментот Здравје – е над планираното, а Групацијата успешно го зголемува уделот на премиите надвор од Словенија. Фокусирајќи се на клиентите, го подобри нивното корисничко искуство при склучување на осигурување и постпродажни активности, ја прошири понудата, ги дигитализираше процесите, водеше грижа за продажните канали и ја зајакна мрежата на стратешки партнерства. Важен показател за успешноста е задоволството на клиентите и на вработените, а резултатите од мерењата потврдуваат висок степен на постигнувања, дури и во последните, предизвикувачки години.

За стратешките амбиции до 2030-та година, Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, изјави: „Во периодот до 2030-та година влегуваме со амбициозна стратегија, која што ја дефиниравме земајќи ги предвид предизвиците и промените во опкружувањето, како и нашите можности. Во нејзината имплементација ќе ја следиме мисијата Градиме побезбедна иднина и во согласност со нашата нова визија, ќе ја зголемиме препознатливоста на Групација Триглав како меѓународна осигурителна и финансиска групација. Нашата амбиција е да ги удвоиме деловните резултати до 2030-та година и да се фокусираме на растот на пазарите надвор од Словенија. Во периодот од 2025-та до 2030-та година, во согласност со нашата дивидендна политика, се стремиме да исплатиме околу 400 милиони евра дивиденди на акционерите, притоа задржувајќи ја целната капитална адекватност и обезбедувајќи соодветни услови за раст и развој. Со фокус на клиентите, ќе го продолжиме процесот на дигитализација и ќе ги зајакнеме постојните стратешки пристапи за решавање на променливите барања на клиентите и пазарот. Во нашите редови сакаме да имаме вработени, кои се посветени, кооперативни, претприемнички настроени и поврзани со нашите заеднички вредности.“

                                                                                                                                                                                 Во милиони ЕУР

 

2024

2023*

Индекс

Вкупен обем на работа (1+2)

1,717.6

1,738.0

99

Бруто полисирана премија од осигурување (1)

1,622.3

1,663.7

98

Други приходи (2)

95.4

74.3

128

Вкупни приходи

1,393.2

1,425.2

98

Оперативен резултат од осигурување (1)

97.5

-7.1

 

Приходи од осигурителни услуги

1,298.0

1,351.2

96

Државна компензација согласно Уредбата за дополнително здравствено осигурување (ДЗО)

11.0

0.0

 

Пресметани штети

678.7

1,021.2

66

Трошоци за прибавува на осигурување и административни трошоци, вклучувајќи ги и оние кои не можат директно да се припишат

370.9

358.0

104

Нето резултат од договори за реосигурување

-140.9

31.6

 

Нето останати приходи/трошоци од осигурување

-20.9

-10.6

197

Нето резултат од инвестиции (2)

49.0

22.2

220

Резултат од инвестиции

159.7

83.8

191

Финансиски резултат од договори за осигурување

-118.5

-69.7

170

Промена на резервите за неостварено враќање на инвестициите од дополнително пензиско осигурување (ДПО)

0.9

8.1

11

Добивки/загуби од инвестиции во поврзани друштва

6.9

0.0

 

Резултат од неосигурителна дејност (3)

12.5

5.9

213

Резултат пред оданочување (1+2+3)

159.0

21.1

755

Нето добивка

131.4

16.3

808

Останата сеопфатна добивка

6.3

34.7

18

 

2024

2023

 

Комбиниран количник Неживот и Здравје

93.6%

101.9%

 

Штетен количник Неживот и Здравје

65.5%

76.3%

 

Расходен количник  Неживот и Здравје

28.1%

25.6%

 

Профитабилност на новото работење Живот & Пензии

13.4%

14.6%

 

Принос на капитал (ROE)

14.0%

1.8%

 

Поврат на финансиските вложувања

3.0%

1.6%

 


 31.12.2024

31.12.2023

 Индекс

Биланс на состојба

4,538.3

4,099.0

111

Капитал

989.0

891.1

111

Договорна маржа на услуга (CSM)

286.8

238.4

120

Средства под управување (AUM)

5,893.8

4,851.4

121

Број на вработени

5,204

5,318

98

 

 

 

 

*Податоците за споредбениот период, се разликуваат од оние пријавени за претходната година, поради ревидирана дефиниција на сегментите здравје и неосигурување. Бројките за вкупниот обем на работење се разликуваат од оние пријавени за претходната година, бидејќи надоместокот за реосигурување е исклучен од другите приходи во вкупниот обем на работење.

Презентацијата за инвеститорите со првични информации за работењето на Групација Триглав во 2024-та година е достапна на веб-страницата на компанијата: https://www.triglav.eu/sl/vlagatelji/aktualno/financna-porocila.

Во согласност со финансискиот календар, објавата на Годишниот извештај на Групација Триглав и матичната компанија за 2024-та година е предвидена за понеделник, 31.03.2025 година.

Complementary Content
${loading}