Осигурувањето останува клучен столб за финансиска стабилност и заштита.

Интервју на Глaвниот извршен директор Ѓорѓе Војновиќ за The Economist - Светот во 2025-та

The Economist: Какви резултати постигнавте во 2024 година, што би издвоиле од активностите, што според Вас ја дефинираа оваа година?

Ѓорѓе Војновиќ: Заклучно со третиот квартал од 2024-та година, Триглав Осигурување обезбеди бруто полисирана премија од 20,7 милиони евра, со што оствари раст од 10,5%, споредено со истиот период минатата година. Компанијата оствари пазарен удел од 12,57%, што се движи во рамките на резултатот од Q3, 2023 година.

Во дадениот период постигнавме одлични резултати во областа на здравственото и осигурувањето од незгода, како и осигурувањето на имот, а забележавме значително подобрување на резултатите и кај одредени финансиски производи, како осигурување на кредити и осигурување од финансиски загуби.  

Истражувањата покажуваат дека нашите клиенти и јавноста го препознаваат квалитетот на производите и услугите што ги нуди Триглав Осигурување, за што потврда се и сертификатите Qudal Quality Medal и Best Buy Award, што компанијата ги освои оваа година. Овие сертификати се одраз на нашата посветеност на исполнување на највисоките стандарди на работење и обезбедување најдобра вредност за нашите клиенти. Триглав Осигурување, согласно овие анализи, континуирано бележи највисока оценка за углед на македонскиот осигурителен пазар и е прв избор на клиентите, кога станува збор за осигурување.

Развојот го насочуваме кон понуди, кои што ги интегрираат стратешките насоки, особено одржливоста во работењето и грижата за животната средина. Стратешка амбиција на компанијата е да обезбеди извонредно клиентско искуство, и што поголема достапност на услугите. Токму од овие причини дигитализацијата на услугите и процесите, развојот на банко каналот и соработката со други финансиски институции е особено важна. Достапноста на производите ја градиме и преку понуда на решенија, кои што одговараат на различни пазарни потреби и можности.

Посветени сме на искористување на моќта на технологијата за да обезбедиме исклучително корисничко искуство за нашите клиенти. На почетокот на годината воведовме онлајн пријава на осигурен случај по доброволно приватно здравствено осигурување преку OneID. Ова иновативно и едноставно решение носи придобивки за обете страни, за клиентите, кои од далечина можат да побараат надомест за трошоци безбедно и брзо, но и за нас, затоа што ова решение значајно ги оптимизира процесите на управување со пријавите. Нуди транспарентност на процесот на пријава за надомест на трошоци и им помага на клиентите полесно да се справат со потешкотиите, со кои што се соочуваат во овие моменти.

Развиваме иновативни решенија, како Каско green, кое што нуди големи поволности за осигурување на хибридни и електрични возила, градиме екосистеми на поврзани, услужно-ориентирани решенија и асистенции и, покрај традиционалните осигурителни производи, располагаме со комплетна понуда во делот на employees benefits програмата. Во осигурувањето на дом, на пример, кое што нуди флексибилност во изборот на покритија, вклучуваме и поволности, кои што ја поттикнуваат енергетска ефикасност и на тој начин ја поддржуваат заштитата на животната средина.

Креираме и проекти, кои што сметаме дека мотивираат и иницираат позитивни промени. Во соработка со Challenger, минатата година ја воведовме Триглав Зелена Лига, проект на лојалност за нашите корпоративни клиенти на доброволно здравствено осигурување и за нашите вработени. Триглав Зелена Лига беше заеднички годишен предизвик за заштеда на емисии на CO2, што го вклучува одржливиот развој во својот концепт и ја наградува грижата за нашето здравје и за животната средина. Секако планираме и натаму да развиваме вакви проекти, коишто поддржуваат важни концепти на денешницата.

The Economist: Кои се последиците од климатските промени врз осигурителниот сектор?

Ѓорѓе Војновиќ: Климатските промени имаат исклучително сериозно влијание врз осигурителната индустрија, менувајќи ги факторите, кои што ги одредуваат нивото и видовите на ризици на кои што осигурителите се изложени, како и начинот на кој што работат. Зголемената фреквенција и интензитет на екстремни временски настани како поплави, пожари и топлотни бранови значително го зголемуваат ризикот за осигурителите. Имено, се проценува дека изминатите 4 години, на глобално ниво, штетите како последица од климатските промени достигнаа 100 милијарди долари. Само во 2023 година се евидентирани 37 настани со над 1 милијарда долари штета по настан. Да не одиме подалеку, Словенија минатата година имаше катастрофални поплави, каде вкупната проценета штета достигна 3 милијарди евра (економски загуби), од кои само штетите во износ од 350 милиони евра беа осигурени. Катастрофални поплави имаме и оваа година во источна и средна Европа. Сушата, исто така е предизвик, со кој што ќе се бориме како подрачје во следниот период, бидејќи ќе биде причина за катастрофални пожари, за кои што бевме сведоци и оваа година.    

Сето ова доведува до повисок износ на исплатени штети, што пак може да резултира со зголемени премии за осигурениците и зголемени договори за реосигурување.

Климатските промени поттикнуваат и поширока дискусија за издржливоста, т.е. отпорноста нa општеството и на сите засегнати страни. Не треба да зборуваме само за исплата на обештетувања, туку и за превентива и подготвеност, како општество да се соочиме со последиците од климатските промени. Како индустрија, мораме да бидеме проактивни во поддршка на решенија кои го намалуваат влијанието на климатските настани, било преку промовирање на поодржливи градежни практики, обезбедување поттик за намалување на ризиците, или преку соработка со јавните институции на иницијативи за подготвеност за катастрофи.

The Economist: Какви се очекувањата за осигурителната индустрија во 2025 година, кои трендови ќе ја обликуваат?

Ѓорѓе Војновиќ:  Во периодот што следи, осигурителната индустрија ќе продолжи да биде обликувана од континуирани промени, што се должат на технолошки иновации, еволуирачките очекувања на клиентите и надворешни фактори, како што се климатските промени и економските предизвици.

Дигиталната трансформација и автоматизацијата веќе имаат сериозен импакт врз сите аспекти на осигурувањето, како од клиентска гледна точка, така и во поглед на менаџирањето на процесите одвнатре. Вештачката интелигенција, како напредна технологија, нуди прилагодување и унапредување на процесите, а компаниите сѐ повеќе ќе ја користат во иднина во доменот на процесирање на полиси, обработка на штети и откривање на измами.  Дигиталните платформи пак, сѐ повеќе стануваат неминовност, кога ќе се земе предвид дека клиентите очекуваат континуиран пристап до осигурителни услуги преку лесни и интуитивни онлајн платформи, што го трансформира начинот на купување и управување со полиси. Телематиката и ИоТ пак се алатки и пристапи, кои што на нашиот пазар сеуште не се  присутни, но во други земји веќе извесно време земаат сѐ поголем замав, овозможувајќи бихевиорално осигурување преку поврзани уреди во домовите и возилата, што подразбира персонализирано осигурување и проактивно управување со ризици.

Одржливостa и отпорностa на климатските промени се фактори, кои што исто така имаат опипливо влијание врз осигурувањето. Ефектите од климатските промени, кои што се должат на сѐ почести и посериозни временски непогоди, како пожари, топлотни бранови и поплави, водат до поголеми трошоци за обештетување и се предизвик за индустријата соодветно да ги процени климатските ризици. Од друга страна, сѐ поважно станува да ја имаме предвид одржливоста во развојот на нашите производи. Триглав Осигурување, на пример, во своето портфолио веќе има производи, кои што поттикнуваат и наградуваат одржливо однесување, како попусти за енергетски ефикасни домови (Мој дом) или еколошки возила (Каско green) и тоа како тренд секако ќе продолжи и натаму да се развива.

Економските предизвици ќе продолжат да обликуваат одредени пазарни трендови. Зголемените цени на производи и услуги континуирано го покачуваат трошокот на штетите (на пример, поправки на возила, медицинска грижа, градежни материјали), што ги притиска осигурителните компании да ги прилагодат своите ценовни модели. За да одговориме на финансиските предизвици на клиентите, се фокусираме на иновативни пристапи во поглед на достапноста на производите, како флексибилни опции за плаќање, модуларни производи и покритија и производи адаптирани на ограничени буџети.

Кога зборуваме за персонализација и фокус на клиентите не зборуваме за трендови, туку за деловна стратегија, која што сѐ повеќе станува неизбежна и влијае на начинот на кој што гледаме на потребите на клиентите. Во овој сегмент има навистина многу што да се направи, за да се излезе во пресрет на новите потреби, што ги препознаваме на пазарот (осигурувања, адаптирани на индивидуалниот стил на живот и профилот на ризик на клиентите), како и флексибилни, краткорочни или ограничени покритија, каков што е Микро дом на Триглав.

Не смееме да ги изоставиме регулативата и усогласеноста со ESG, особено затоа што се испреплетени со останатите фактори, кои што влијаат на осигурителната индустрија. Се наметнува потреба од еволуција на строгите регулаторни правила, особено кога станува збор за климатските ризици и ESG практиките, но и пазарните специфики и движења воопшто, имајќи предвид дека овие фактори и регулативи ги обликуваат процесите на осигурителните компании. Со одржливоста како главен приоритет во светски рамки, осигурителните компании сѐ повеќе ги вклучуваат факторите за животна средина, општество и управување (ESG) во своите стратегии. Ова, меѓу другото, вклучува понуда на осигурителни производи, кои што поттикнуваат одржливо однесување, инвестирање во одржливи проекти и поддршка на иницијативи за климатска отпорност. Од друга страна, во рамки на ЕСГ известувањата, сѐ поголем ќе биде приоритетот за транспарентност во поглед на еколошкиот и социјалниот импакт на компаниите.

Креирањето на еко системи на поврзани услуги е тренд, којшто е веќе присутен на нашиот пазар и има огромни потенцијали за развој. Соработката со технолошки компании, банки, здравствени установи и други индустрии нуди огромни можности за создавање иновативни решенија и услуги за клиентите и пристап, кој што го позиционира осигурителот како партнер на клиентите и со кој што осигурувањето не значи само исплата на средства, туку решавање на предизвиците и проблемите на клиентите во целост.

Иако геополитичките прашања често имаат глобален карактер, нивните локални манифестации – било преку економска нестабилност, зголемени ризици или регулаторни промени – можат значително да влијаат врз осигурителната индустрија. Осигурителните компании треба да останат агилни, да се адаптираат на променливите услови и да дизајнираат производи и ценовни стратегии, кои што ќе одговорат на тековните предизвици.

Вработените и трендовите во управувањето со човечките ресурси, како што се дигитализацијата на работните процеси, фокусот на развојот на вештини и привлекувањето таленти, ќе играат значајна улога во трансформирањето на индустријата и подигнувањето на квалитетот на услугите.

Осигурувањето останува клучен столб за финансиска стабилност и заштита, а неговата иднина ќе биде обликувана од иновации, одржливост и адаптирање на новите глобални и локални предизвици. Верувам дека компаниите, кои што ќе се адаптираат на овие трендови и ќе го стават клиентот во центарот на своите стратегии ќе бидат најподготвени за успех во оваа исклучително динамична средина.


Complementary Content
${loading}