Шумата е природна бања
Кога последен пат сте се прошетале во шума? Ако поминало подолго време, можеби би требало да размислите за една прошетка. Бројни научни истражувања укажуваат дека овој тип на активности има изненадувачки позитивен ефект врз човечкиот организам.
Отсекогаш постои верувањето дека здравјето е во природата. Ефектот на многу лековити билки е одамна научно потврден. Фитотерапијата е дел од официјалната медицина. Спелеотерапијата - односно лечење на пациентите со пештерски воздух - исто така функционира. А од неодамна е докажано и благотворното и релаксирачко дејство на дрвјата и шумата.
Назад кон природата
Истражувањата потврдуваат дека природата може да делува превентивно во заштита на здравјето, но важна е и за медицината, и се препорачува како дел од терапијата во современите методи на лекување. Дваесеттитот век беше период на голем напредок како во медицината, така и во технологијата. Извесен период луѓето ја гледаа природата само како извор на храна и суровини. Но, брзото темпо на живот нè натера да се вратиме назад кон природата.
Во потрага по мирот, сите тежнееме што повеќе да се оддалечиме од електронските уреди и од гужвата.
Стресот, немирот и нарушениот животен ритам се причина за многу современи болести кај човекот. Во овие ситуации природата може да биде важен чинител за воспоставување рамнотежа. Ајде да видиме како.
„Капење” во изобилството на шумата
Во осумдесетите години од минатиот век од Јапонија пристигнуваа застрашувачки извештаи за долгото и нехумано работно време на населението. Јапонската агенција за шумарство уште во тоа време воочила дека таа пракса е штетна, па во 1982 година ја предложила shinrin-yoku - шумска бања, за подобро здравје и релаксација.Остатокот на светот, па дури и самите јапонци, овој концепт на почетокот го перцепираа со доза на недоверба. Скептиците се потсмеваа и ги нарекуваа шумските „капачи“ фанатици, кои гушкаат дрвја. Сепак, предлогот предизвика голема љубопитност кај научниците ширум светот, па започнаа мерењата на позитивните ефекти од шумата, кои сите навистина ги чувствуваат. Досега нема истражување, кое што покажало дека престојот во шума не е корисен.
Влијанието на менталното здравје
Одржувањето на менталното здравје, во развиениот свет, е еден од најважните фактори за целокупното здравје, а шумската бања покажала најдобри резултати во ова поле.
Една од првите научни студии на оваа тема, спроведена од јапонски научници, докажа дека чувството на вознемиреност и депресија значително се намалуваат по двочасовна прошетка во шума. Тоа го потврдија и мерењата на деловите од мозокот, кои што се активираат во состојби на депресија и анксиозност, а тие се значително помали по прошетка во шума.
И можеби она што е најинтересно: прошетката имала посилен ефект врз оние кои доживеале поголем стрес во животот, отколку врз оние кои доживеале умерен стрес. Затоа и не е изненадување што едно германско истражување покажа дека луѓето кои живеат во близина на шума многу подобро се справуваат со стресот и анксиозноста. Нивната амигдала, делот од мозокот кој ги обработува овие емоции, е значително поефикасна од амигдалата на оние кои живеат во градот. Имајќи го тоа на ум, во некои делови од светот, на пример во Канада, лекарите препишуваат вежбање во природа.
Слични резултати се добиени во студии со деца и адолесценти. Докажано е дека живеењето во близина на шума ја намалува манифестацијата на агресивно однесување кај децата.
Кај децата со нарушена концентрација, способноста да го задржат вниманието се зголемува по прошетка во шума, а нивната меморија се подобрува.
Времето поминато во шума позитивно влијае и на когнитивниот развој кај децата. Филозофијата на шумските градинки и училишта се заснова на ова знаење.
Влијание врз физичкото здравје
Жените (врз кои е спроведено истражувањето) кои живеат во близина на шума имаат десетина пати помала стапка на смртност. Тие се главно помалку подложни на малигни, респираторни и бубрежни заболувања. Животот во природа наметнува повеќе движење и почист воздух, што секако придонесува кон подобро здравје.
Оние кои редовно шетаат во шума имаат 50 проценти повеќе природни клетки “убијци” (посебна група лимфоцити). Овие клетки се 60 проценти поактивни кај луѓето кои често шетаат во шума.
Природните клетки “убијци” се основа на нашиот имунолошки систем, а експертите забележуваат дека прошетката во шума го зајакнува имунолошкиот систем.
Што го поттикнува ослободувањето на овие клетки и нивната зголемена активност? Причината, најверојатно се специјални супстанци, со кои што најчесто доаѓаме во контакт само во шума. Иако мирисите на шумата не ги сметаме за ароматерапија, сепак се работи токму за тоа. Дрвјата испуштаат фитонциди, есенцијални масла, кои креираат ароматерапија.
Се чини дека фитонцидите во голема мера се поврзани со благотворните ефекти на шумата: тие ја забрзуваат активноста на природните клетки “убијци”, го намалуваат лачењето на адреналин, содржат антибактериски агенси, а исто така можат да имаат и антиканцероген ефект.
Многу е веројатно дека комбинацијата од опишаните ефекти влијае на различни состојби, на пример намалување на високиот крвен притисок. Причините се обично комбинација на ментален и физички напор. А шумата очигледно има одговор и на двете.
КАКО ПРАВИЛНО ДА СЕ НАПРАВИ ШУМСКА БАЊА?
Шумската бања не бара посебна обука, туку малку внимание и активирање на сите сетила. Затоа, ако само се движите брзо низ шумата, нема да почувствувате голем ефект. Заборавете на часовникот и на вашите планови. Седнете или легнете, слушајте, мирисајте, почувствувајте, погледнете... И можеби најважното: исклучете го телефонот. Едноставно, застанете каде што сакате и одете таму каде што чувствувате дека ќе најдете мир.
Зелено живеење
Престојот во шума или која било друга зелена површина е важен за општото здравје и благосостојба на човекот токму поради начинот на живот, на кој што многумина се изложени – урбан хаос, бучава, секојдневни притисоци. Според јапонскиот рецепт, поважно е да се има контакт со природата отколку правилно да се изведува шумската бања. Секогаш кога имате можност, прошетајте во шума. Ако можете, додека работите, гледајте во зеленилото низ прозорецот. И ова ќе ви биде корисно.
Да, зеленото живеење е наједноставниот дел од решението.
Најдете начин повеќе време да поминувате во природа. Според јапонското верување, шумата и дрвјата се единствениот вистински мост меѓу нас и природата. Затоа запомнете: ниту една друга природна средина нема толку позитивни системски ефекти како шумите.
*Истражувањето од кое се користени горенаведените информации за позитивните ефекти на шумата, е спроведено според строги научни стандарди. Сите испитувани групи се набљудувани од научници во шумски и нешумски средини. Конечните наоди се резултат на овие споредби. Во текстот не се детално наведени сите истражувања, па на заинтересираните им е достапен список во редакцијата на списанието Pazi na se.*извор: Šuma, prirodna banja - Sve ce biti u Redu | Triglav.rs Zdravlje
Изборот на поздрав начин на живот подразбира носење вистински одлуки за негова заштита. Донесете ја вистинската одлука за вашето здравје — обезбедете за себе и за своето семејство здравствено осигурување.