Совети за негувано куче

Погрижете се кучето да биде негувано, здраво и задоволно.

Правилната нега е важна кучето да се чувствува добро, а во исто време помага да се спречат здравствени компликации. Додека се грижите за крзното, откривате паразити. Со хигиена на забите и непцата ги спречувате болестите на забите и непцата. А со превентивни вакцини и со други мерки обезбедувате болестите да го заобиколат кученцето. Со соодветна грижа, можете барем делумно да се погрижите здравствените трошоци за кучето да не пораснат до небо.

Навикнување на нега

Кучето треба постепено да се навикнува на нега. Не е добро, уште на почетокот, да се претерува со грижата за неговото здравје, чистота и ред. Голема е веројатноста дека кучето може ова да го доживее како лошо искуство и во иднина да се спротивставува. Затоа, ви предлагаме негата полека да ja воведувате.


Прво, запознајте го кученцето со предметите за нега (на пример нека ги помириса). Притоа, давајте му од неговата храна. Така, процесот на нега ќе го поврзе со нешто пријатно.

По неколку дена запознавање и хранење, започнете со куса нега, а притоа, повторно наградувајте го со храна. Потоа, можете постепено да ја продолжувате негата. Кога ќе приметите дека кучето се навикнува и се чувствува пријатно, полека намалувајте ја количината на храна, што ја добива за време на негата.

Чистота и уредност = здравје

Крзното, очите, ушите, забите, шепите, канџите... На сите делови од телото на кучето треба да  им се посвети внимание од време на време.

Чешлање

Без разлика какво крзно има некоја раса, чешлањето е секогаш неопходно. Помагалата за чешлање на кученцето треба да бидат нежни, но дефинитивно ќе ви треба чешел и четка.

Одгледувачите обично ќе ви дадат добар совет за ова, но можете да побарате совет и од експертите за нега на крзното. Сепак, важи правилото, колку се подолги влакната, толку повеќе внимание треба да му посветите на крзното. За полесно чешлање, нежно испрскајте го крзното со вода.

Капење

Доволно ќе биде ако кучето го туширате еднаш на два месеци. Имено, кучињата на кожата имаат маст, која што ги штити, а со капење таа се отстранува. Инаку, зачестеноста на капењето зависи и од расата и од карактерот на кучето. Ако кученцето се впушта во калливи истражувачки потфати, веројатно ќе му биде потребно некое туширање повеќе, од вообичаеното.

Изберете нежен шампон за кученца и користете го умерено. Пред капење, расчешлајте го крзното, а под шепите ставете подлога, која што не се лизга. Постепено навикнувајте го кученцето на туширање.

Чистење на ушите

Кога ќе го искапете кучето, особено внимавајте добро да му ги исушите ушите. Додека тие не се исушат, миленичето не треба да излегува надвор, за да избегне воспаление.

Во ушите можете да му капнете специјално средство за чистење, кое што можете да го обезбедите кај ветеринар, а потоа избришете ја нечистотијата со влажна крпа. Не користете стапчиња за уши.

Миење заби

Кучињата, слично како луѓето, се подложни на забен камен и наслаги. Нивното таложење, можете да го спречите со четкање или миење, секој ден, или барем секој втор ден. Користете четка за заби и специјална паста за заби за кучиња. Пастата наменета за луѓе содржи премногу натриум.

Гризењето сирови коски може да помогне во чистење на забите, па дури и да ги зајакне непцата и мускулите на вилицата. За ова се погодни помеки коски (пилешки грб, пилешки крилца, копанчиња, како и свинска или говедска опашка). Давајте му ги на вашето куче два до три пати неделно, но внимавајте да не се појави проблем со столицата, со истовремена исхрана со брикети. Подебелите забни наслаги и забниот камен може да ги отстрани само ветеринар.

Кратење на канџите

Повеќето луѓе ја препуштаат оваа задача на фризер или ветеринар. Ако сакате да го направите тоа сами, купете соодветна грицкалка и бидете многу внимателни. Имено, канџата содржи  корен со добра циркулација. Ако пресечете премногу длабоко, можете да предизвикате крварење и болка кај кучето. Кратењето на канџите е неопходно, бидејќи доколку се премногу долги, му пречат на кучето при одење. Тие не смеат да ја допираат земјата.

Превентива

Најдобро е да се спречат здравствените и другите компликации. За тоа, важно е да го имате следново на ум:

Посети на ветеринар: тие треба да бидат дел од редовната превенција. Ветеринарот ќе ви даде совет за задолжителни вакцини и за оние кои го одржуваат здравјето на кученцето и спречуваат заразни болести.

Првата вакцина кучето треба да ја прими кога е старо околу осум недели. Ветеринарот, преку редовни прегледи и вакцинации треба да го следи кучето до околу четири - пет месеци. Ако нема здравствени проблеми, обично повторно се посетува ветеринар за една година. Наша препорака е да се прават редовни ветеринарни прегледи еднаш годишно.

Заштита од паразити и крлежи: редовно треба да се внимава кучето да не биде нападнато од внатрешни и надворешни паразити. Секој таков напад го слабее организмот на кучето.

Дел од задолжителната опрема за внимателно негувано и здраво милениче треба да бидат специјални пинцети за отстранување на крлежи.

Заштита од повреди: активностите и движењето на кучето треба да ги прилагодите  зависно од видот, големината, расата и возраста на кучето. За време на интензивен раст, кучињата треба да бидат умерено активни, бидејќи тогаш нивните коски растат брзо и затоа се поподложни на повреди.

 

Извор: Kako poskrbeti za nego psa? - Vse bo v redu (triglav.si)


Complementary Content
${loading}
Actions Bee Close Content-Menu Dropdown-close Dropdown LoggedIn-Image LoggedIn-NoImage LoggedOut Menu Portlet-Menu Search-close Search